Пешиќ: АБА-лигата треба да се укине, српската кошарка нема никаква корист од неа

Српскиот селектор Светислав Пешиќ ги затвори устите на критичарите кои гласно говореа против него во изминатите две години. Искусниот стратег уште еднаш потенцираше дека без оглед на сребрениот медал на Мундобаскет, состојбата во српската кошарка е загрижувачка.

Според Пешиќ, клучно е создавање на силна и конкурентна лига, за што најпрвин ќе треба да се случи – укинување на регионалното АБА-натпреварување.

„Можеме да излеземе и да се фалиме, но вистината е дека кошарката ни е далеку од посакуваното ниво. Немаме систем на натпреварување, пирамида каде најважната работа е создавање на нови кошаркари. За една до две години ќе се случи Црвена Звезда и Партизан да добијат вајлд-карта или да станат косопственици во Евролигата, тоа е неминовност. И што потоа? ОСвен нив, со години ниту еден српски клуб не игра во европските купови, а велиме дека сакаме да ја развиваме кошарката. Кога ќе направиме професионална српска лига, а од неа преодност кон европските натпреварувања, тоа ќе биде чекор напред. АБА-лигата треба да се укине, српската кошарка нема никаква корист од неа и ако не ја укинеме, треба барем наши клубови да не играат во ова натпреварување. Не го велам ова за да имам подобра национална селекција за ОИ во Париз, туку говорам долгорочно, да се променат некои работи за доброто на српската кошарка“, истакна Светислав Пешиќ.

Се вчитува...