Њукасл го чува најдобриот стрелец

Њукасл денеска објави дека е потпишан нов договор со напаѓачот Калум Вилсон, кој беше најдобар стрелец на тимот минатата сезона. Искусниот 31-годишен Вилсон имаше договор до крајот на сезонава, но „црно-белите“ јасно ставија до знаење дека сакаат да го задржат, на крајот договарајќи соработка до јуни 2025 година.

„Се чувствувам добредојден од првиот момент кога пристигнав во клубот. Се движиме во вистинска насока и пресреќен сум што ќе останам да бидам дел од оваа прекрасна приказна“, изјави Вилсон, кој ја заврши ланската сезона со 18 погодоци зад своето име.

Менаџерот Еди Хау не го криеше задоволството од останувањето на искусниот голгетер кој одигра важна улога минатата сезона, кога беше обезбедено и учество во Лигата на Шампионите.

„Пресреќни сме што Калум ќе остане и во иднина ќе биде важна фигура во нашите успеси. Тој е извонреден фудбалер, но уште поважно – прекрасна личност и сите сме задоволни што заедничката соработка продолжува“, истакна Хау.

Се вчитува...