Ракометарите на Тинекс Пролет денеска го продолжуваат настапот во Супер-лигата со нов домашен терен, во 18 часот гостин во салата „Македонско Сонце“ ќе биде екипата на Прилеп. Станува збор за натпревар на кој Тинекс Пролет ќе ја има фаворитската улога, но Прилеп веќе докажа дека не е нималку наивен противник ако се знае дека во првото коло го совлада тимот на Бутел.
Tокму поради ова, капитенот Ласко Андоновски повикува на максимална фокусираност и ангажман на теренот во текот на сите 60 минути од овој натпревар.
„Пред нас е меч што нема да биде нималку лесен, особено доколку не влеземе максимално сериозно бидејќи Прилеп е противник што мора да се респектира. Тинекс Пролет одлично ја отвори сезоната со убедлив триумф над Вардар Неготино и тоа е рецептот што мораме да го повториме и денеска – да бидеме фокусирани и максимално ангажирани од првата до последната минута. Верувам дека квалитетот е на наша страна, доволно сме искусни за да го одбраниме домашниот терен, но тоа можеме да го сториме само со максимална посветеност во текот на сите 60 минути“, изјави Андоновски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА