Рома конечно заигра како што знае и умее, оставајќи го зад себе разочарувачкиот старт на сезоната и декласирајќи го тимот на Емполи со преубедливи 7-0. Откако во првите три кола освои само еден бод, тимот на Жозе Мурињо овојпат беше на висина на заадачата, одигра перфектни 90 минути и го закопа тимот што е „фенерџија“ на табелата.
Убедливиот триумф беше најавен по само три минути игра, кога Дибала од пенал (направен во 34. секунда од мечот) ја доведе „волчицата“ во водство. Ренато Санчез го постигна својот прв гол за Рома по трансферот од ПСЖ, а на одмор се замина со 3-0 со голот што го постигна Кристанте.
Второто полувреме почна со нов погодок на Дибала, потоа следеше еврогол од 25 метри на Кристанте, а шоуто беше комплетирано со прецизниот удар на Ромелу Лукаку, негов прв гол во дресот на Рома.
Белгискиот џин веднаш по голот беше повлечен од игра, но тоа не беше и крај на возбудувањата, бидејќи дефанзивецот Манчини одлично се снајде по еден корнер и ги постави конечните 7-0.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

