Стивен Џерард имаше блескава кариера со Ливерпул, стигна до европска круна со „црвените“, но не му се исполни големата желба да го крене и премиерлигашкиот пехар како предводник на овој клуб.
Тој во 2015 година ја одби понудата за едногодишен договор со Ливерпул и реши да замине во ЛА Галакси, пред се поради средбата со тогашниот тренер Брендан Роџерс, кој му ставил до знаење на Џерард повеќе да не се надева на улога на стандарден првотимец. Џерард се пресели во САД, а неколку месец подоцна Роџерс доби отказ, а на негово место беше доведен Јирген Клоп, нешто што англиската фудбалска легенда не може да го преболи.
„Се уште жалам за сето она што се случи. Не за мојата одлука, бидејќи логично е да си заминеш кога тренерот ќе ти каже дека не смета сериозно на тебе. Жалам бидејќи само неколку месеци подоцна Клоп дојде на клупата, а убеден сум дека одлично ќе соработував со него. Со оглед на стилот на игра на кој инсистира, не се сомневам дека ќе имав место во тимот. А за него, без проблем со години ќе играв, ќе давав се за Ливерпул макар и по триесетина минути на натпреварите. Секако, никој не можеше да знае дека Роџерс ќе си замине така брзо по мојот трансфер, уште помалку дека Клоп ќе биде неговиот наследник, но јас искрено жалам што никогаш не соработував со Германецот. Да знаев дека има шанса тој да дојде, ќе издржев пет месеци со Роџерс за потоа да играм за Јирген Клоп“, изјави Џерард.
Стивен Џерард одигра над 700 натпревари за англискиот гигант, притоа постигнувајќи 185 погодоци.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА