Интер добива нови газди среде сезона

Интер ќе добие нови сопственици, и тоа во текот на оваа натпреварувачка сезона откако потрагата на семејството Жанг по купец за италијанскиот фудбалски гигант конечно направи значаен чекор напред.

Италијанските медиуми тврдат дека инвестициската банка „Раине Груп“, која преговараше со потенцијалните инвеститори, конечно нашла купец кој е подготвен да ја плати сумата што Жанг ја бара за Интер. Идентитетот засега се чува во тајност, но се наведува дека станува збор за инвеститори од Средниот Исток, кои го разгледале финансиското портфолио на Интер дале зелено светло за преговорите да влезат во завршна фаза.

Семејството Жанг се наоѓа во небрано поради заемот што го зеде од „Оуктри“ во мај 2021 година, а што истекува во мај 2024 година. Заедно со камата, вкупната сума што кинеските газди ќе треба да ја вратат изнесува речиси 400 милиони евра. Како гаранција беа ставени клупските акции од Интер, кои ќе паднат во рацете на „Оуктри“ доколку кинеските газди не ја вратат целата сума.

Јасно е дека сегашните газди немаат премногу простор за маневар откако за време на корона-кризата загубија огромен дел од богатството во Кина. Продажбата на Интер е единствено решение, па се очекува преговорите да се интензивираат во наредниот период и „нероаѕурите“ на крајот од годинава или најдоцна до февруари 2024 и официјално да добијат нова сопственичка структура.

Се вчитува...