Пелистер потпиша со Американец кој бил дел од Универзитетот каде се прослави Мајкл Џордан

Кристијан Килинг е најновото засилување на КК Пелистер, откако актуелниот вицешампион на Македонија потпиша договор со овој 25-годишен плејмејкер. Тој доаѓа на местото на Норман, кој по само неколку дена го напушти таборот на битолскиот клуб и со ангажманот на Килинг е последното место за странец во таборот на „пелистерци“.

Килинг својата кошаркарска кариера во САД ја почна како дел од Универзитетот Северна Каролина, познат како еден од оние со најдобра кошаркарска програма од другата страна на Атлантикот, чии бои своевремено ги бранеше и големиот Мајкл Џордан.

Кариерата на овој кошаркар потоа не се движеше според очекувањата, тој најпрвин потпиша за Глазгов во Шкотска, оттаму замина за Финска каде ги бранеше боите на Катаја, за ланската сезона да ја мине во данскиот прволигаш Хорсенс.

Се очекува Килинг да биде значаен адут на тренерот Илиевски во  новата сезона, во која „пелистерци“ најавуваат атак на висок пласман.

Се вчитува...