Тиквеш има одличен почеток на сезоната 2023/24 во Првата македонска фудбалска лига, и по осмата рунда натпревари останувајќи во трка за врвот со најдобрите екипи.
Причина за славје на кавадарчани е денешната победа над Брегалница пред своите навивачи од 2-1, која за Тиквеш е прва после четири години.
Последниот триумф за Тиквеш против лутиот ривал беше во Втората лига на 19. септември 2019 година кога во Штип славеше со 0-1. Од тогаш, цели десет натпревари немаа победа против Брегалница.
Откако, пак, двете екипи се вратија во Првата лига изминатите две сезони одиграа шест натпревари, притоа со четири порази за Тиквеш и само две ремија. Па, сега конечно радост за кавадарчани која следеше по пресврт и негатива од 0-1 на полувремето.
„Одигравме реално просечен меч, кој не е наш најдобар сезонава. Не игравме онака како што знаеме, но и тоа е и тоа како важно затоа што, пак, покажавме карактер, цврстина и најважно од се да се извлече победата и победничкиот менталитет и тогаш кога не играте најдобро. Мора да им честитам на момците за карактерот. Победа против еден ваков тежок противник, традиционално лут ривал, секогаш е добредојдена како мотив за се што следи понатаму“ – ни изјави по мечот тренерот на Тиквеш, Ѓорѓи Мојсов.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА