Првиот човек на Албанската федерација, Арманд Дука е нов потпретседател на УЕФА

Првиот човек на Албанската фудбалска федерација, Арманд Дука е нов потпретседател на УЕФА, со мандат до 2027 година.

Дука на денешниот состанок на Извршниот комитет на УЕФА беше избран на потпретседателската функција, на местото на Шпанецот Луис Рубиалес кој е разрешен од сите функции по скандалот со шпанската репрезентативка по финалето на Светското првенство.

Дука веќе пред неколку месеци беше избран за член на Извршниот комитет на УЕФА а сега ја доби и потпретседателската функција која носи и годишна плата од 250.000 евра.

На денешниот состанок УЕФА исто така го додели Европското првенство 2025 за јуниори до 17 години на Албанија, а ја ублажи и забраната за руските тимови и репрезентации која ја усвои со почетокот на рускиот напад на Украина. Сега, под одредени услови, ќе им биде дозволено на руските селекции до 17 години да играат во европските натпреварувања но без симболите на својата земја.

Исто така, УЕФА одлучи Суперкупот 2025 да се одржи во главниот град на Полска, Варшава.

Се вчитува...