Се е подготвено за стартот на новата сезона во кошаркарското првенство, која официјално ќе почне со денешните натпревари Работнички – ТФТ и Чаир – Феникс, поради обврските на Работнички и Феникс во европските натпреварувања следната седмица. Новина од оваа сезона е воведувањето на правило за четири странци, при што сите ќе можат да бидат истовремено на терен, со што се брише правилото за задолжителен настап на двајца македонски кошаркари во секој момент од натпреварите.
МЗТ Скопје ќе ја има улогата на бранител на трофејот, воедно и на фаворит за шампионската титула и во новата сезона. Аеродромци го намалија буџетот, но завршија голема работа со задржувањето на костурот од врвни домашни кошаркари. Војдан и Дамјан Стојановски, заедно со центарот Крстевски ќе бидат главни адути на тренерот Атанасов во атакот на трофеи што почна со успешно одбранетиот супер-куп и рутинската победа над Феникс.
Пелистер две години по ред играше финале, битолчани конечно зад себе добија сериозен спонзор и застанаа цврсто на нозе, на финансиски и на организациски план, па нема сомнеж дека „пелистерци“ и сезонава ќе имаат што да кажат. Направени беа неколку рокади во играчкиот состав, на плејмејкерската позиција пристигна искусниот Костоски, за борба под обрачите Маслинко ќе има помош и од младинскиот репрезентативец Хот, но главен адут на Пелистер останува тренерот Илиевски, кој ќе се обиде да ги замрси сметките на останатите ривали.
Работнички е тимот од кого многу се очекува сезонава, „центарци“ благодарение на директорот Веселиновски успеаја да ги исчистат насобраните долгови од старата управа, па сега тргнуваат со чиста сметка, силен тим, но и со притисокот што го носи атакот на трофеи. Димитар Мираковски не се прослави во првата тренерска авантура во „Градски парк“, но некогаш одличниот плејмејкер сега повторно има сериозен тим со кој ќе треба да одговори на предизвикот, да го врати Работнички на тронот што нема да биде нималку лесно.
Кругот на фаворитите се затвора со овие три тима, вистинска штета е што Гостивар, кој со години наназад имаше сериозни амбиции летово мораше да го намали буџетот, слична е ситуацијата и со Еуро Никел, тим што се спаси од банкрот летово, но на крајот склопи солиден ростер.
Возбудувањата можат да почнат, нека биде фер борба на терен и нека победи најдобриот…
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА