Брегалница и Вардар по повеќе од шест години првпат во меѓусебна фудбалска пресметка. Последен пат двете екипи се соочија во мај 2017 година кога во Штип ремизираа (3-3) во Првата лига. Сега, во недела ги очекува нов прволигашки двобој во битката за, и тоа како, важни бодови и за двете екипи.
Капитенот на Вардар, голманот Филип Гачевски е една од личностите кои ги поврзува двата тима. Во минатото бранеше и за Брегалница, иако сега јасно со фокусот кон победа за црвено-црните.
„Штип е градот во кој ја почнав мојата кариера во Македонија. Во Брегалница бранев и поставив рекорд од 912 минути – ‘чиста мрежа’, рекорд кој ден денес не е соборен. Сега сум горд вардарец, но во моето срце Брегалница има посебно место. За ‘Фаланга’ имам огромен респект, дел од мојата кариера тие дечки со гордост го скандираа моето име и презиме и исклучително ги ценам и почитувам“ – вели Гачевски, споделувајќи ги своите очекувања за неделниот дуел:
„Кога во Штип се игра фудбал, тој ден е празник во градот, сум го почувствувал тоа кога бев дел од Брегалница. Брегалница е домашна екипа, тежок терен со супер навивачи, но ние сме Вардар и ќе атакуваме на победа во недела. Целта на Вардар е да застанеме на здрави нозе и да го обезбедиме опстанокот во прволигашкото друштво. ФК Вардар е бренд и институција во Македонија и пошироко и сигурен сум дека во скоро време проблемите ќе се надминат и ќе се вратиме каде што ни е местото“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

