Барселона ја оправда фаворитската улога на гостувањето против Порто, славејќи со 30-38 за трета победа во третото коло од Лигата на Шампионите. Никола Митревски почна на голот на Порто, собра седум интервенции пред да биде заменет по десетина минути игра во вториот дел, но Македонецот и покрај солидното издание не успеа да го запре атомскиот напад на каталонскиот гигант. Барса згора на тоа го имаше неверојатниот Нилсен на голот, данскиот голман собра 20 успешни интервенции, додека во нападот најефикасни беа Фраде со шест и Арињо и Јанц со по пет постигнати гола.
Еурофарм Пелистер остана единствен тим без бодови во својата група откако Загреб вечерва го декласираше Колстад со убедливи 31-20, најубедлив европски триумф на хрватскиот гигант во последните девет години. Норвежаните во првото коло лесно ја освоија Битола, но денеска налетаа на далеку порасположен противник, Загреб доминираше од почеток до крај, на одмор замина со убедливи 17-10, за на крајот да стигне дури и до двоцифрена победа. Голманот Мандиќ беше најзаслужен за победата со 16 успешни интервенции, а во нападот на Загреб се истакнаа поранешните „вардарци“, Куни Моралес постигна осум, а Тимур Дибиров шест погодоци.
ГОГ Гудме продолжува со одлични изданија откако данскиот првак славеше над Веспрем со 36-30, нанесувајќи му го првиот пораз во ЛШ сезонава на унгарскиот гигант. Менсинг беше неверојатен со 11 гола за ГОГ, по седум постигнаа Педерсен и Мадсен, додека Ремили со седум погодоци беше најефикасен кај Веспрем.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА