Наполи победува, но Гарсија го заборави Елиф Елмас

Наполи покажува знаци на живот откако италијанскиот првак врза две победи во низа, славејќи со 0-4 на гостувањето против Лече. Со тоа, се зацврстува позицијата на Руди Гарсија како тренер на „наполитанците“, што е лоша вест за нашиот Елиф Елмас откако македонскиот репрезентативец втор меч по ред не само што не беше стартер, туку и воопшто не влезе во игра.

Гарсија се реши денешниот натпревар да го почне со Осимен на клупата, давајќи му шанса на Симеоне како предводник на нападот. Наполи имаше контрола на теренот и заслужено поведе преку Естигард во 16. минута, со прецизен удар со глава на асистенција на Зиелински.

На самиот старт од вториот дел Осимен влезе во игра на местото на Симеоне и веднаш зголеми на 0-2, крунисувајќи го со гол извонредниот центаршут на Кварацкелија. На 0-3 во 89. минута зголеми „резервистот“ Гаетано со прецизен удар од дваесетина метри, а конечните 0-4 ги постави Политано.

Тренерот на Наполи до крајот на мечот ги уфрли во игра Распадори, Политано, Кајусте и Гаитано, јасен знак дека Гарсија не смета сериозно на Елмас, без оглед на одличната форма што нашиот најдобар фудбалер ја покажува во настапите за националниот тим.

Се вчитува...