Македонскиот шампион, екипата на МЗТ Скопје ја стартуваше убедливо новата сезона во Првата македонска кошаркарска лига.
„Металците“ без апсолутно никакви проблеми го победија Кожув во Гевгелија со 64-86, во натпревар во кој се беше решено во првото полувреме, а потоа гостите си дозволија и опуштена игра во второто полувреме за ублажување на поразот од страна на гевгеличани.
На полувремето МЗТ имаше предност од 29-49, по третиот период беше и 48-75, за последниот период од играта да му припадне на Кожув за конечни 64-86.
Најефикасен кај МЗТ Скопје беше Танасковиќ со 17 поени, дополнети и со седум скока, а 12 поени запиша Баковиќ кој имаше и седум скока. Расел заврши со 11 поени, а по 10 поени постигнаа Робев и Крстевски. Кај домашните се издвои Колин Слејтер со 16 постигнати поени.
Вардар, пак, имаше негатива од осум поени на полувремето против Охрид, имаше негатива и од шест поени (56-62), но со одлична игра во последната четвртина, која ја доби со 34-21, дојде до победа од 90-83 во првиот свој натпревар сезонава.
Атанасов со 23 поени и Наков со 21 поен ги предводеа „вардарци“ до победата, а на Охрид не му помогна ниту феноменалниот Бернард кој мечот го заврши со 38 поени и 10 скока.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА