Феникс 2010 прегазен во првиот натпревар на Кипар

Феникс 2010 забележа преубедлив пораз во првиот натпревар од квалификациите за ФИБА Еврокупот кои ги игра во Никозија, Кипар. Подобар од македонскиот тим беше домаќинот Керавнос кој славеше со 107-60 во натпревар во кој што ја имаше целосната контрола и во нападот и во одбраната.

Кипарскиот тим ја превзема иницијативата уште од самиот старт на натпреварот во кој поведе со 9-2, а резултатската контрола ја задржа до самиот крај. Феникс 2010 сепак не дозволи рано високо водство на домашниот тим и успеа да се врати во игра при што му парираше на противникот, но само до воведните минути од втората четвртина кога резултатот гласеше 19-18 по што следеше серија од 12-0 која беше преголем залак за скопјани.

Керавнос на полувремето замина со позитива од 48-34, а сите дилеми за победникот ги реши во третата четвртина. Во неа Кипраните реализираа со речиси 78 отстотност од игра па постигнаа 40 поени, а притоа одиграа одлично и во одбраната каде го лимитираа Феникс 2010 на 17 поени со што ја зголемија предноста на +37 (88-51) пред последната четвртина која беше само формалност и во која шанса добија и најмладите играчи на македонскиот претставник.

Со 14 поени, 5 скокови и 3 асистенции лидер на Феникс 2010 беше Стивенс, додека Рис додаде 11 поени. За Керавнос Рејнолдс забележа „дабл-дабл“ од 17 поени и 10 асистенции, а 16 поени и 9 скокови постигна Тејлор.

Се вчитува...