Марјан Илиевски од денеска повеќе не е шеф на стручниот штаб на Пелистер, откако успешниот стручњак реши да се повлече од функцијата. Тој ќе остане во клубот како дел од управата на „пелистерци“, а во меѓувреме за нов шеф на стручниот штаб на актуелниот вицешампион на Македонија до крајот на сезонава е именуван Дарко Радуловиќ.
Причината не е резултатска, без оглед на поразот од Гостивар во првото коло, туку Илиевски е принуден на ваков чекор за решавање на здравствените проблеми што го мачат веќе извесно време, а за чие целосно санирање е неопходно целосно мирување.
Илиевски е предводник на новиот проект на Пелистер, под негово водство екипата стигнуваше до финалето во плејофот во последните две сезони, а тој ќе остане во највисокото раководство на клубот и ќе даде свој придонес за остварување на зацртаните цели во штоттуку почнатата сезона.
„Принуден сум на ваков чекор бидејќи здравјето секогаш мора да биде приоритет. Се мачев во последните години со истиот проблем, време е тој целосно да биде саниран. Не се сомневам во квалитетот на играчкиот кадар на нашата екипа, како и во новиот тренер Радуловиќ, кој веќе покажа дека знае како се освојуваат трофеи на македонската кошаркарска сцена“, изјави Илиевски.
Дарко Радуловиќ има шампионска титула со МЗТ Скопје откако дојде на чело на аеродромци среде сезона, го крена тимот на едно повисоко ниво и заслужено стигна до трофејот.
Тој доби отказ по неуспехот во Купот на Македонија, откако управата не успеа да го задржи тогашниот најдобар играч во тимот Дастин Вер, по што Радуловиќ мина една година во Унгарија, за сега да се врати на чело на битолскиот клуб, со амбиции пак да се бори за највисок пласман на домашната кошаркарска сцена.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА