Клоп: Мечот со Тотенхем треба да се преигра, но знам дека тоа никогаш нема да се случи

Јирген Клоп ја искористи денешната прес-конференција пред мечот од Лигата на Европа со белгиски Унион за повторно да се осврне на големиот судиски пропуст на дербито со Тотенхем.

Чист гол не беше признаен поради огромната грешка во ВАР-собата, што само се потврди со објавените аудио снимки во јавноста, а Клоп останува на ставот дека извинувањето од Судиската организација не е доволно.

„Искрено, не ме интересира зошто се случи она што се случи. Најважен е крајниот исход, а тоа е – ние дадовме гол, а не ни се броеше. Знам дека  грешката не е направена намерно, без разлика колку е очигледна, не гледам потреба судиите да бидат дополнително драстично казнети, но мора да се извлече поука, вакво нешто не смее никогаш повеќе да се повтори. Што би било фер епилог? Натпреварот да биде преигран. Тоа би било најфер, но знам дека тоа никогаш нема да се случи бидејќи таков преседан досега се нема случено во фудбалот“, изјави Клоп.

Се вчитува...