Манчестер Јунајтед катастрофално ја стартуваше новата сезона, откако „црвените ѓаволи“ на поразот на домашен терен од Кристал Палас се надоврзаа со нов неуспех на „Олд Трафорд“, и тоа во Лигата на Шампионите против Галатасарај, тим што до синоќа ниту еднаш се немаше радувано на триумф во фудбалска Англија.
Бројките се загрижувачки, „ѓаволите“ имаат шест порази на првите десет средби во сите натпреварувања. Последен пат ова се случило во 1986 година, кога тогашниот тренер доби отказ и на негово место беше доведен Сер Алекс Фергусон, кој потоа изгради сопствена династија во клубот искачувајќи го на врвот на фудбалска Англија. Токму по заминувањето на Фергусон почна големиот пад на Јунајтед, оттогаш се променија многу тренери, но ниту еден не ги донесе посакуваните резултати.
Тен Хаг беше доведен летото во 2022 година како идеален кандидат за почеток на „нова династија на Олд Трафорд“, првата сезона беше ветувачка, но затоа втората е апсолутно фијаско. Навивачите се се понезадоволни, особено бидејќи беше потрошено богатство на нови фудбалери, од кои голем дел беа платени многу повисоко од реалната вредноста. На Тен Хаг е да состави победничка комбинација, но се поголем е бројот на оние кои се сомневаат дека тој е способен да оствари успех во најсилната лига на светот.
Британските медиуми пишуваат дека и покрај катастрофалните резултати, управата се уште покажува апсолутна доверба во Холанѓанецот и не размислува за тренерска смена. Сепак, истовремено и се наведува дека ситуацијата би можела експресно да се промени со нов неуспех, бидејќи Јунајтед моментно е на средина на табелата со девет бода заостанување зад лидерот Манчестер Сити, а секој нов неуспех се повеќе ќе го зголемува притисокот врз Тен Хаг.
Многу важен ќе биде претстојниот викенд и домашниот меч со Брентфорд, на кој „црвените ѓаволи“ не смеат да си дозволат и трет пораз за осум дена на „Олд Трафорд“. Ако тоа се оствари, нема сомнеж дека и тренерското столче на Ерик тен Хаг ќе почне сериозно да се ниша.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

