Веќе стана вообичаен тренд големите натпреварувања да се одржуваат во неколку држави, но ФИФА ги помести границите при изборот на земјите домаќини на СП 2030, кој ќе биде игран на три различни континенти.
Одлуката е веќе донесена, а според неа официјални домаќини на Мундијалот во 2030 година ќе бидат Шпанија, Португалија и Мароко. Сепак, сите натпревари нема да се играат само во овие три земји. За да се одбележи стогодишнината од првиот фудбалски мундијал, отворањето на ова големо натпреварување ќе биде во Јужна Америка, па првите натпревари ќе се одиграат во Уругвај, Аргентина и Парагвај.
Уругвај беше домаќин на првиот фудбалски мундијал во 1930 година, домашната селекција стана и светски првак победувајќи ја Аргентина, додека Парагвај ќе биде ко-домаќин поради фактот дека во оваа земја е сместена базата на КОНМЕБАЛ, Јужноафриканската Фудбалска Асоцијација.
Сите шест земји домаќини ќе имаат обезбедено пласман на СП 2030, а предвидено е Уругвај, Аргентина и Парагвај да го одиграат само својот прв меч на домашен терен, по што натпреварувањето ќе се пресели во Мароко, Шпанија и во Португалија. Свеченото отворање ќе се одржи во една од земјите кои се официјални домаќини, а точната локација ќе биде дополнително утврдена.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА