МЗТ Скопје стигна до втората победа во Првата кошаркарска лига откако на отварањето на второто коло лесно славеше против Гостивар со 85-59. И покрај тоа што очекувањата беа неизвесен натпревар ако се судеше по формата на гостиварци на отварањето на сезоната, аеродромци одиграа одличен натпревар на двата дела од теренот во кој не му дозволија на противникот да се надева на победа.
Бековската линија на МЗТ Скопје одлично го исконтролира отварањето на натпреварот па домашниот тим поведе со предност од 13-6, но финишот на првата четвртина сепак им припадна на гостиварчани кои ја зацврстија одбраната, одиграа течно во нападот па ја намалија негативата на само 17-16. Аеродромци одговорија со своја добра одбрана во втората четвртина во која избраниците на Димитриески беа приморени на тешки обиди, а со контролата на скокот МЗТ Скопје стигна до лесни поени во противничкиот рекет па стигна и до двоцифрена предност (36-23) која сепак Инграм и Вензант со серија од 5-0 се погрижија да биде едноцифрена на полувремето за 36-28.
Актуелниот шампион продолжи да го диктира темпото и на двете страни од теренот и на отварањето на второто полувреме. Од минута во минута избраниците на Атанасов ја зголемуваа предноста за +22 (59-37) по крајот на третата четвртина. Во последните десет минути од натпреварот МЗТ Скопје стигна и до највисоката предност од +26 (64-38) која беше задржана на самиот крај.
Крстевски со 17 поени и 5 скокови го предводеше МЗТ Скопје, додека по 14 поени за Гостивар постигнаа Вензант и Инграм.
Денеска беше комплетирано и првото коло од шампионатот со натпреварот помеѓу Академија ФМП и Еуро Никел во Кисела Вода каде гостите од Кавадарци немаа проблем да забележат убедлива победа од 58-114.
Кавадарчани важеа за апсолутен фаворит на оваа средба и улогата ја потврдија уште од самиот старт. Еуро Никел доминираше во рекетот на противникот па по 10. минути игра имаше преднсот од 15-28, а на полувремето замина со +23 (32-55) со што не остави дилеми за победникот. Во второто полувреме Еуро Никел продолжи со доминацијата па стигна и до предност од 40 поени (45-85) пред последните десет минути во кои Еуро Никел стигна и до двојно повеќе постигнати поени (52-104).
Петровски со 22 поени и 6 скокови беше прво име на средбата, додека Златев со 20 поени, 9 скокови, 6 асистенции и 5 украдени топки го предводеше Еуро Никел.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА