Газдата на Фенербахче ќе купува клуб на Балканот, се уште во мислите и Вардар

Турскиот бизнисмен Али Коч, сопственик на Фенербахче, е сериозно заинтересиран да купи клуб на Балканот, пренесуваат турските медиуми.

Според Турците, Коч преку својата моќна компанија „Коч Холдинг“, која се проценува на околу милијарда долари, сака влез на Балканот, идеја која трае веќе две години кога беше активирана желбата за влез во ФК Вардар, а која се уште не е згасната.

Како што пренесуваат турските медиуми, Коч се уште е со мислите кон Вардар, кој е една од опциите, и покрај тоа што сега во игра се и сараевски Железничар, како и српскиот суперлигаш Нови Пазар.

Од претходно е веќе познато дека Коч планираше најтрофејниот македонски фудбалски клуб да биде филијала на гигантот Фенербахче, кој во македонската екипа би испраќал млади и талентирани фудбалери да стекнуваат искуство. Но, сите почетни разговори пред две години се изјаловиле, па сега повторно се активираат желбите.

„Ако имаме свој клуб во странство, а најдобро е на Балканот, таму ќе можеме да тестираме и развиваме многу наши фудбалери“ – изјави неодамна Коч за турските медиуми.

И од актуелните водачи на ФК Вардар неодамна беше пренесено дека има потенцијални инвеститори за клубот, но се чекаат одговори од државата околу долговите, во висина од околу три милиони евра, со кои се обременети црвено-црните а кои се реална пречка за посериозни разговори со сериозни компании.

Се вчитува...