ТАЈМАУТ: Каде ни оди кошарката?

ТАЈМАУТ

Стеван Цаневски

Жална е македонската кошаркарска реалност откако двата наши претставници во европските натпреварување, и тоа во квалификациите за најслабиот ФИБА Европа Куп, неславно минаа во својата европска авантура, само покажувајќи колку со „каскањето во место“ почнавме да заостануваме не само зад земји како Холандија и Романија, туку сега и зад Кипар и Азербејџан.

И за да нема никаква дилема, македонските клубови треба секоја година да играат во овие купови, затоа што таму се гледа реалната слика за работата во нашите екипи, особено оние кои трошат и над половина милион евра по сезона, а се задоволуваат само со просечната домашна сцена каде престижот исчезна уште пред извесно време.

Треба да се вклучи и федерацијата, да се најде начин да се му се даде обврска на шампионот (без разлика кој и да е во иднина), да игра квалификации во Лигата на Шампионите на ФИБА, бидејќи со самото тоа ќе има најмалку загарантирано место во групите од ФИБА Европа купот. Секако тоа е трошок, но би можело да се покрие ако федерацијата конечно најде спонзор за лигата од кој „фајде“ ќе видат клубовите, нешто што беше дел од ветувањата во предизборната кампања на сегашното раководство, но остана како „ветер и магла“.

Феникс ќе има мака да продолжи да ја продава приказната за „фабрика за таленти“, откако по заминувањето на Хот и на Петков сега тимот повеќе наликува на „полигон на Американци“, кои веќе почнаа да се ротираат по нецели две седмици од новата сезона. Навистина, Андреј Митревски не е во тимот поради повреда, но со толкав број Американци на терен надополнети со искусните Трајковски и Димчевски, останатите таленти многу повеќе ги очекува греење на клупа отколку шанса на терен.

Многу поголема шлаканица е онаа што ја доби Работнички, клубот што најавуваше блесок и враќање на победнички патеки, но наместо тоа доби тешко приземјување и бламажа на турнирот што се одржа во Скопје.

Ростерот барем на хартија делува и повеќе од добро, но она што очигледно им недостига на „центарци“ е и соодветен квалитет на клупата. Димитар Мираковски го користи и последниот дел од кредитот што го има кај управата, но начинот на кој беше демолиран од Рапид, а потоа и прокоцка плус 15 од Сабах од Азербејџан, само докажува дека нешто мора да се менува, и тоа што поскоро. Кога ќе се потрошат толку пари на играчки ростер, логично е да се очекува, многу, многу повеќе во квалификациски турнир во Скопје.

Раководството успеа да го извлече клубот од финансиска дупка, но тоа веќе е минато – сега пред Работнички мора да биде враќање на старите победнички патеки. И иако крајна цел е борбата за титулата, ова европско фијаско е само доказ колку се далеку „центарци“ од она што треба да бидат.

Не само како игра на терен, туку и како клуб, почнувајќи од прес-конференција што ја организира општината наместо раководството, до смешната посетеност во салата, која се должи на катастрофалниот маркетинг и промоција на КК Работнички. Голем клуб не се станува само со трошење на пари на играчи и стручен штаб, туку со целосен напредок во секој аспект на функционирањето. Лекција што „центарци“ очигледно ќе треба дополнително да ја научат.

По вакви резултатски фијаска во ФИБА Европа Купот и без ниту еден тим во АБА1, сосема нормално е човек да се запраша – Каде ни оди кошарката. Само што – одговорот е тотално разочарувачки, не само за сегашноста, туку и за перспективата за иднината која одамна од розева премина во темно сива нијанса.

Затоа што, од желбата да сме „први во село“, заборавивме како изгледа „градот“, надвор од границите на Македонија.

Се вчитува...