Ива Пројковска ќе го суди мечот Пари Сен Жермен – Манчестер јунајтед

Ива Пројковска, најдобриот фудбалски судија во женска конкуренција во Македонија, која се наоѓа во групата на 20 елитни судии во Европа, доби големо признание од Судиската комисија на УЕФА. Таа ќе биде главен судија на реванш мечот во женската Лига на европските шампиони меѓу Пари Сен Жермен и Манчестер јунајтед, кој ќе се одигра на 18 октомври во Париз.

Ќе и помагаат Елена Соклевска-Илиевски и Вјолца Изеири, четврти судија ќе биде Ирена Велевачкоска-Ристевски. Во својата не толку долга но богата судиска кариера на меѓународната сцена, за првпат ќе му суди на шампионот на Англија Манчестер јунајтед, додека веќе има судено еден натпревар на Пари Сен Жермен.

Ива Пројковска може да се пофали, како ретко кој фудбалски судија во Македонија, бидејќи им има судено на европските фудбалски гиганти Барселона, Реал Мадрид, Баерн Минхен, Арсенал, Челси, Бенфика, Порто… На тој долг список на отсудени натпревари се наоѓаат и сениорските репрезентации на Италија, Германија, Шпанија, Англија, Португалија, Белгија, Норвешка…

М.М.

Се вчитува...