Повратникот во Првата кошаркарска лига, Вардар стигна до втората победа во сезоната откако во последниот натпревар од 2. коло славеше на гостувањето кај Феникс 2010 со 71-80. Пресудна за гостинската победа беше реализицијата за три поени, сегмент од играта во кој домашниот тим реализираше само два од 25 обиди, а гостите 11 од 30.
Отварањето на натпреварот беше целосно во знакот на Феникс 2010 кој благодарение на добрата игра во одбраната го лимитираше противникот на само три постигнати поени за пет минути игра. И покрај тоа што не блескаа во нападот домаќините стекнаа двоцифрена предност (16-6), но мораа да се задоволат со +6 (18-12) по 10. минути игра. Неефикасниот натпревар продолжи и до полувремето. Двата тима имаа очајна реализација, промашуваа зицери, но контролата на средбата остана во рацете на Феникс 2010 се до последните 40 секунди од првото полувреме. При резултат 32-26 Димчевски направи прекршок за три слободни фралања на Бајрам, а откако ги реализираше младиот бек погоди и со звукот на сирената од половина терен за изедначување од 32-32.
View this post on Instagram
Второто полувреме донесе многу подобра игра во нападот кај двата тима, а по неколкуте смени во водство благодарение на реализацијата зад линијата 6,75 Вардар беше оној на влезот на одлучувачките десет минути имаше предност од 50-55. Изедначениот натпревар со предност од еден посед за „црвено-црните“ продолжи до четири и пол минути пред крајот на средбата, а Феникс 2010 успеа да го превземе водството по забивањето на Рис и тројката на Трајковски за 63-61. Вардар возврати по тајм-аутот на Јованчев со серија од 5-0 за нова предност и на запре. Реализираа Митков, Бајрам, Атанасов и Лукановски па гостите стекнаа предност од 67-74 што беше преголем залак за домашниот состав.
Со 27 поени и 15 скокови лидер на Феникс 2010 беше Рис, додека него го следеше Трајковски со 22 поени и 8 скокови. 28 поени за Вардар постигна Барјам, додека 19 поени и 6 скокови средбата ја заврши Митков.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА