Еден Азар стави крај на професионалната фудбалска кариера

Белгискиот фудбалер кој на свој начин одбележа една ера во светскиот фудбал, Еден Азар официјално стави крај на богатата кариера.

Белгискиот магионачар со писмо на социјалните мрежи ја објави оваа вест откако по завршувањето на договорот со Реал Мадрид беше без клуб.

„Морате да се слушате себеси и да  застанете во вистинско време. После 16 години и повеќе од 700 одиграни натпревари, решив да ја завршам кариерата како професионален фудбалер. Можев да го остварам мојот сон, играв и се забавував на многу терени ширум светот. Во текот на мојата кариера имав среќа да запознам одлични менаџери, тренери и соиграчи – ви благодарам на сите за овие одлични времиња, сите ќе ми недостасувате. Исто така, сакам да им се заблагодарам на клубовите за кои играв: Лил, Челси и Реал Мадрид; и благодарност до мојата белгиска репрезентација. Посебна благодарност до моето семејство, моите пријатели, моите советници и луѓето кои ми беа блиски во добри и лоши времиња. Конечно, огромна благодарност до вас, моите фанови, кои ме следеа сите овие години. Сега е време да уживам со моите најблиски и да имам нови искуства. Се гледаме наскоро надвор од теренот мои пријатели“, напиша Азар. 

Азар со Реал Мадрид стигна до трофејот во Лигата на шампионите и покрај тоа што не ги оправда очекувања, а до трофеи стигаше и во Премиерлигата и француското првенство со Челси и Лил. Со репрезентацијата на Белгија во 2018 година го освои третото место на СП во Русија.

Се вчитува...