Раководството на Севилја експресно го пронајде новиот тренер откако му беше врачен отказ на Хозе Луиз Мендилибар, само пет месеци откако овој стратег го искачи шпанскиот клуб на врвот на Лигата на Европа на УЕФА. Слабите резултати на стартот од сезонава придонесоа Мендилибар да добие отказ, а на негово место на кормилото на клубот од Андалузија пристигнува Диего Алонсо.
Станува збор за 48-годишен уругвајски стручњак кој ја водеше репрезентацијата на Уругвај на СП 2022 во Катар, по што доби отказ. Тој во тренерската кариера го има водено Интер Мајами пред Дејвид Бекам да дојде на чело на овој клуб, а со Пачука и со Монтереј има две титули во Лигата на Шампионите на Конкакаф зоната.
Доаѓањето на чело на Севилја ќе значи и камбек на Алонсо во шпанскиот фудбал, каде со успех настапуваше како напаѓач за екипите на Валенсија, Атлетико Мадрид, Расинг Сантандер и Малага.
Новиот тренер ќе има можност за време на репрезентативната пауза да се запознае со голем дел од фудбалерите, а своето деби ќе го има на домашен терен против лидерот на табелата, Реал Мадрид.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

