Хрватска и Турција преполовени за меѓусебната пресметка во Осијек

Хрватска и Турција ќе се соочат в четврток во Осијек во дуел кој може лесно да се покаже и решавачки за пласман на ЕВРО 2024, а двајцата селектори се соочуваат со сериозни проблеми во пресрет на оваа пресметка.

Хрватскиот кормилар Златко Далиќ не може да смета на крилните офанзивци Перишиќ и Оршиќ, згора на тоа во меѓувреме се повредија и напаѓачите Крамариќ и Бруно Петковиќ, како и плејмејкерот Лука Иванушец. Марко Ливаја беше најавен како сигурен стартер, но голгетерот на Хајдук пред неколку дена објави дека ја завршува репрезентативната кариера по бројните навреди што ги трпеше во изминатиот период.

На спротивната страна, сериозни главоболки има и Винченцо Монтела, кој токму во Хрватска ќе го има своето деби како селектор на Турција. Италијанскиот стручњак не може да смета на петмина играчи кои беа првотимци на првиот меч со Хрватите, и тоа голманот Мерт Ѓунок (Бешикташ), потоа главниот дефанзивец Сојунчу од Атлетико Мадрид, десното крило Ченгиз Ундер, плејмејкерот на Реал Мадрид, Арда Ѓулер, како и главниот напаѓач Енес Унал, кој се повреди на еден од последните настапи за Хетафе.

Хрватска и Турција се на делба на првото место во квалификациската група Д со по 10 освоени бода, со тоа што „коцкестите“ имаат натпревар помалку во однос на својот следен противник.

Се вчитува...