Лука Дончиќ се врати во Мадрид од каде како шампион и МВП на Евролигата пред пет години замина во НБА лигата за пријателскиот натпревар помеѓу неговиот Далас Маверикс и поранешниот клуб Реал Мадрид кој ќе биде одигран вечерва со почеток од 20 часот и 45 минути.
Словенецот беше дел од Реал Мадрид од 13-годишна возраст, а откако помина дел од младинските категории се наметна како незаменилив дел од тимот уште како малолетник. Говорејќи пред медиумите во Шпанија тој ја искажа својата благодарност кон клубот, а откри и дека во Европа би се вратил само во овој тим.
„Без Реал Мадрид не би бил таму каде што сум денеска. Тука научив се, тука растев и тука тренирав. Уште кога дојдов во Далас му кажав на Марк Кјубан дека сакам еден ден да се вратам во Мадрид и тој ме послуша. Се надевам дека еден ден ќе играме на „Сантијаго Бернабеу“ и дека НБА тоа ќе го дозволи. Не знам што носи иднината, но ако еден ден се вратам во Европа тоа ќе биде само во Реал Мадрид, без дилема“, изјави Дончиќ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА