„Горчлива“ Цедевита за МЗТ на стартот на АБА 2 Лигата

Убедлив триумф на Цедевита Јуниор во дуелот со МЗТ Скопје на стартот од АБА 2 Лигата. Иако важеа за фаворити на овој меч, имаа цел за највисок пласман, сепак, реалноста е сосема поинаква. Македонскиот шампион одигра катастрофално во првото полувреме, од минута во минута тонеше се подлабоко, па во еден момент хрватскиот тим имаше предност од 22 разлика во втората четвртина. На крајот дебитантот се радувааше во салата во Суботица победувајќи со 79-92.

Стартот на мечот му припадна на Цедевита која брзо дојде до 0-5, но МЗТ со 10 поени дојде до првата предност. Имаше МЗТ во неколку наврати и водство, но поткеклна во финишот на првата четвртина, и на крајот Цедевита замина на мала пауза со +6 (24:30).

Клучна за овој  висок пораз на МЗТ беше втората четвртина, во која „металците“ одиграа со многу грешки, без цврста дефанзива, па во еден миг серијата на Цедевита беше 0-10, со која дојде до предност од 14 разлика, а потоа и до највисоките 22, за потоа МЗТ да намали на -16 на крајот на полувремето.

Надеж дека може да се избегне пораз беше третиот период, кој го доби МЗТ со 21-18, но и натаму беше далеку од можноста да излезе како победник од овој меч. Лош влез на МЗТ во последната чевртина, во која Цедевита брзо дојде до 5-0, и ја врати разликата, одржувајќи ја се до крајот на мечот.

Кучиќ од Цедевита беше најефикасен со 22 поени, Рашиќ постигна 18, додека Стојановски кај МЗТ беше најефикасен со 16.

Се вчитува...