Еурофарм Пелистер ја продолжува потрагата по прва европска победа, а битолчани денеска се соочуваат со нов тежок предизвик, гостување во Париз против моќниот состав на ПСЖ. Битолските „фармацевти“ имаат три порази по првите три кола, но простор за оптимизам остави последниот меч со Кил, на кој „пелистерци“ достојно му парираа на германскиот гигант, на крајот губејќи со 20-23.
ПСЖ од друга страна почна со две победи, за во третото коло да загуби минимално на гостувањето против Киелце (30-29), но Раул Гонзалес и неговите ракометари се решени вечерва (20.45 часот) да се вратат на победнички патеки во елитното европско натпреварување. „Светците“ викендов имаа дерби меч во француското првенство, успевајќи да се вратат од голема негатива и да го совладаат Нант со 35-32 за победничка увертира пред дуелот со Еурофарм Пелистер.
Јасно е дека македонскиот првак ќе ја има улогата на голем аутсајдер, но тренерот Александар Јовиќ се надева на добро издание на својот тим.
„Играме против екстра-квалитетна екипа, нè чека тежок натпревар и одлична можност за промоција за клубот и градот. Ќе направиме сè да се прикажеме во најдобро светло. Играме против екипа која редовно игра на „фајнал-фор“ на Лигата на шампионите. ПСЖ преферира брза игра, имаат одлична транзиција, но ние ќе се обидеме да наметнеме наша игра. Како што игравме и против Кил, ќе пробаме да ги сведеме на што е можно помалку голови. Нè радува што евидентно растеме и ова е одлична можност тоа да го потврдиме. Тренираме во полн состав, Тајник се враќа во тимот и мотивирани сме за овој меч“, изјави Јовиќ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА