По завршувањето на ангажманите во Неапол каде го контролираше судењето на дерби мечот во групната фаза од Лигата на европските шампиони меѓу Наполи и Реал Мадрид, Судиската комисија на УЕФА му даде нова задача на нашиот поранешен најдобар фудбалски судија, а денес еден од врвните контролори на меѓународната сцена Емил Божиновски.
Божиновски овој пат во Сент Гален на 15. октомври ќе го контролира судењето на квалификациониот натпревар за настап на Европското првенство 2024 меѓу репрезентациите на Швајцарија и Белорусија. Во оваа група се уште и Израел, Косово, Романија и Андора, меѓутоа поради настаните во Израел ситуацијата се искомплицира бидејќи УЕФА го одложи мечот меѓу Израел и Швајцарија што требаше да се игра на 12.октомври и средбата Израел-Косово закажана за 15. октомври. Инаку на табелата води Швајцарија со 14, пред Романија со 13 и Израел со 11 бодови.
Од страна на УЕФА ангажиран е и нашиот втор контролор за меѓународни натпревари, Димитар Мечкаровски, инаку претседател на Судискиот одбор на ФФМ, кој ќе го контролира судењето на квалификациската средба за настап на Европското првенство, фудбалери до 21 година меѓу Босна и Херцеговина и Франција што ќе се одигра денес во Сараево.
М.М.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА