Франција прва до билет за ЕП 2024, Роналдо со два гола на јубилејот

Франција е првата репрезентација што преку квалификациите обезбеди учество на ЕВРО 2024 откако „триколорите“ славеа со 1-2 на гостувањето против Холандија. Ова беше шести меч во групата за Французите и нивна шеста победа, за осигурана виза за претстојниот континентален собир што ќе се одржи во Германија.

Килијан Мбапе беше човекот на одлука со два прекрасни погодоци за водство на Франција од 0-2, а „лалињата“ во финишот успеаја само да го ублажат поразот преку дебитантот Хартман.

Проблем за Холанѓаните е што и Грција славеше вечерва на незгодното гостување против Република Ирска со 0-2, со што нашиот јужен сосед сега е второпласиран во групата, со три бода предност но и меч повеќе во однос на избраниците на Роналд Куман.

Португалија триумфираше со 3-2 над Словачка, натпревар што мина во знакот на фантастичниот Кристијано Роналдо. Големиот ас го играше јубилениот 200. меч за својата репрезентација и успеа да постигне два гола, на воодушевување на публиката на преполниот „Драгао“.

Саво Милошевиќ имаше победничко деби на клупата на БиХ откако оваа селекција како гостин го совлада аутсајдерот Лихтенштајн со 0-2, со головите што во првото полувреме ги постигнаа Рахмановиќ и Стевановиќ.

Се вчитува...