Роналдо има нова цел пред себе: Да стигнам до 900 гола во кариерата, за 1.000 ќе треба добро да се испотам

Кристијано Роналдо продолжува да дели лекции по фудбалските терени откако португалскиот ас со два гола ја предводеше својата селекција до триумф од 3-2 над Словачка, победасо која Португалците и дефинитивно го обезбедија пласманот на ЕП 2024.

Роналдо речиси цела година е во Ал Наср и настапува во Саудиска Арабија, но неговата физичка подготвеност и мотивираност се на највисоко ниво. Тој секогаш наоѓа начин за самиот да се мотивира, а следна цел што си ја има зацртано е да стигне до 900 гола во кариерата. Кристијано досега има 857 погодоци во професионалната кариера, а судејќи по неговата посветеност, остварувањето на оваа цел би можело да го очекуваме во текот на наредната година.

„Не сакам да размислувам премногу однапред. Да стигнам до 900 гола во кариерата, тоа ми е главна желба во моментов. Секако, прекрасно би било да постигнам 1.000, но за тоа ќе треба добро да се испотам. Одам чекор по чекор, да дојдам до 900, па потоа ќе размислувам што е следно. Добро се чувствувам, телото одлично ми одговара на предизвиците што ги носи професионалниот фудбал и тоа ме радува. Лично сум среќен од она што го правам во текот ан целата кариера, среќен сум што помогнав да се пласираме на ЕП 2024, се надевам дека ќе бидам таму следното лето“, изјави Роналдо, кој во февруари ќе наполни 39 години.

Се вчитува...