Еурофарм Пелистер забележа нова победа во домашното првенство, славејќи на домашен терен над составот на Прилеп со убедливи 42-29. Очекувано, актуелниот првак на Македонија немаше проблеми да прокнижи нови бодови на табелата, лесно контролирајќи го резултатот против прилепчани.
Гостинскиот состав успеа да парира само петнаесетина минути, период во кој прилепчани имаа и егал-резултат (8-8). Очекувано, штом Пелистер заигра поцврсто во одбраната почнаа да паѓаат и лесни голови од контранапад на спротивната страна, па битолчани експресно се одлепија резултатски, на одмор заминувајќи со 18-14. Слично како и во првото полувреме, Прилеп повторно парираше во првиот дел од второто полувреме, за потоа во последните петнаесетина минути „пелистерци“ повторно да додадат гас и да стигнат до двоцифрена победа.
Ненад Костески и Емилијан Ѓорговски, двајцата македонски суперталентирани ракометари кои најчесто се игнорирани кога станува збор за мечевите од ЛШ (Костески воопшто не настапи против Прилеп), денеска покажаа дека ако им се укаже доверба можат да блеснат и да ја наполнат противничката мрежа. Костески и Ѓорговски беа најефикасни кај битолчани со по девет гола, пет постигна Петровиќ, а три Цветан Кузманоски. Во таборот на Прилеп најдобар стрелец беше Квастек со десет погодоци.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА