Шампионските амбиции на Работнички наидоа на нов „ладен туш“ откако „центарци“ во третото коло го претрпеа првиот пораз на домашната сцена, губејќи од Чаир со минимални 83-82. По трите разочарувачки настапи во европското натпреварување, Работнички денеска потфрли и во Првата лига, дозволувајќи им на кошаркарите на Чаир со извонредна партија да го земат нивниот скалп. Отсуството на Џелетовиќ поради повреда не смее да биде никаков изговор за Работнички, каде нешто ќе мора што поскоро да се менува пред колата да почне забрзано да оди низ надолу.
Чаир извонредно го почна натпреварот, со фантастична прва четвртина поведувајќи со 30-15. Јасно беше дека „центарци“ не можат да играат така слабо цел меч, избраниците на Мираковски почнаа да се враќаат, на одмор се замина со 47-39, а со поените на Ефремовски на крајот од третата четвртина резултатот гласеше минимални 64-61 за Чаир. Шутот од далечина на домаќините повторно проработе во последната четвртина, Работнички имаше одговор и се влезе во неизвесна завршница, гостите имаа и напад за победа, но Декоси одигра крајно себично, не реализираше два обиди во противничкиот рекет, што значеше и огромен триумф на Чаир.
Корбет со 25 поени и 11 скокови беше најдобар поединец во победничкиот тим, Мофит додаде 18, а Нацевски 14 поени, додека кај Работнички најефикасни беа Декоси, Рикиќ и Трис со по 15 поени.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА