Унгарците пак ја преслушаа Србија, Берарди блесна за Италија против Малта

Унгарија е на чекор до пласман на ЕВРО 2024 откако оваа селекција вечерва славеше на домашен терен над Србија со 2-1, создавајќи си предност во однос на ривалите во квалификациската група Г. Откако пред еден месец ги совладаа Србите среде Белград, унгарските репрезентативци вечерва го повторија подвигот и на домашен терен, пред исполнетите трибини на арената во Будимпешта.

Србија има за што да жали бидејќи беше подобар противник на овој натпревар, но избраниците на Драган Стојковиќ промашија бројни шанси, па на крајот платија за падот на концентрацијата во одбраната во првиот дел. Варга ги донесе домаќините во водство во 20. минута, Србија израмни на 1-1 преку Павловиќ, но Салаи со еврогол од 25 метри стрелаше само една минута по погодокот на Павловиќ и ја врати Унгарија во водство.

Унгарија е првопласирана со 13 бода од пет натпревари, Србија има десет бода, но и меч повеќе од лидерот, додека третопласираната Црна Гора има осум бода од пет одиграни натпревари. Во следното коло во Белград се среќаваат Србија и Црна Гора, меч на кој нашиот северен сосед мора да слави за да се врати во пол-позиција за пласман на претстојниот европски шампионат.

Во нашата група, Италија очекувано лесно и убедливо ја совлада Малта со 4-0. Бонавентура го отвори резултатот со што 34-годишниот фудбалер на Фиорентина стана највозрасниот играч кога станува збор за постигнување на деби гол во дресот на „аѕурите“. На 2-0 пред крајот на полувремето зголеми Берарди, истиот фудбалер во 63. минута зголеми на 3-0, пред Фратези во судиското продолжение да ги постави конечните 4-0.

Данска ја оправда фаворитската улога против Казахстан, славејќи со 3-1 и израмнувајќи се со Словенија на делба на првото место во оваа квалификациска група. Данците триесетина минути се мачеа да го скршат отпорот на гостите, но се беше полесно кога Винд стрелаше по една мешаница за 1-0. Сков пред крајот на полувремето зголеми на 2-0 на асистенција на Хојлунд, а Сков со својот втор гол зголеми на 3-0 на самиот почеток од вториот дел, по што гостите само го ублажија поразот преку Вороговски.

Се вчитува...