Србија доживеа незаслужен пораз од Унгарија од 2-1 во квалификациите за ЕП 2024, по кој сега на северниот сосед во вторник ќе му треба победа над Црна Гора за осигурување на патот кон европскиот шампионат следната година.
Србите во второто полувреме во Будимпешта го промашуваа и невозможното, што беше за неверување и за селекторот Драган Стојковиќ – Пикси.
„Во второто полувреме го засиливме нападот до максимум. Но, ете, имате денови кога топката не сака во гол. Како? Зошто? Немам поим. Но, го прославивме нивниот голман. Нема збор дека е добар голман, но тој си имаше таква среќа што може слободно да си уплати лото. Секако немам што да им замерам на играчите, се обидуваа до максимум но тоа е фудбалот. Одигравме натпревар каков што и треба да се одигра“ – истакна по вчерашниот меч Пикси, а потоа со констатација одговорајќи на прашање на унгарски новинар.
„Унгарија е добар и организиран тим, но немој да се лажеме. Вие воопшто не бевте подобри од нас. Или можеби јас гледав друг натпревар? Е, сега, резултатот е на ваша страна и ви честитам на тоа. Но, во фудбалот некогаш не победува подобриот тим. И во Белград и тука Србија не заслужи порази, но имавте некоја чудна среќа. Го прифаќаме тоа и продолжуваме понатаму“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА