Женската ракометна репрезентација на Македонија направи голем чекор до ново учество на континенталните собири откако денеска во 2. коло славеше на гостувањето кај Литванија со 28-31. Како и во мечот во Скопје против Азербејџан, така и на гостувањето во Литванија нашите ракометарки стартуваа со негатива од 1-0. Во следниот период се играше гол за гол, а по пет минути игра резултатот на семафорот изнесуваше 4-4.
Нашите технички грешки, Литванија успешно ги користеше, па и по десет минути игра резултатот на семафорот беше нерешен (7-7). Мицевска конечно влезе во серија на одбрани, што нејзините соиграчки го искористија на најдобар можен начин за во 14. минута за првпат да стигнат до плус два (8-10). Во следниот период нашите ракометарки ја задржаа оваа предност па по дваесет минути игра на семафорот стоеше резултатот (11-13). Македонија конечно заигра како што треба во одбраната, па во 24. минута со погодокот на Саздовска за првпат стигнавме до плус три (12-15), а во 28. минута за првпат беше и плус четири (13-17). До крајот нашите девојки направија две грешки во напад, кои Литванките ги искористија и на полувреме заминаа со само минус два 15-17.
Нашите ракометарки слабо го почнаа и второто полувреме, а со погодокот од пенал во 33. минута Литванија израмни на 17-17. Саздовска со својот нов гол ја прекина серијата од 4-0 на домаќинките и повторно ја донесе Македонија до водство од 17-18. По неколку минути гол за гол, нашите ракометарки со голот на Ѓоргиевска во 39. минута повторно стигнаа до плус три (18-21). Нова глупост на нашите ракометарки, откако Кипријановска по еден тежок фаул доби директен црвен картон, а Литванките повторно дојдоа до израмнување 23-23. Сара Ристовска веднаш возврати и со својот осми гол повторно не донесе до водство (23-24). Нашите девојки заиграа конечно на ниво во одбраната, па со голот на Седлоска во 48. минута повторно стигнавме до плус три (23-26). Нашите девојки промашија три пенали во низа, но и тоа не успеаја да го искористат Литванките, па во последните шест минути се влезе со позитива на Македонија од 24-27. До крајот нашите ракометарки рутински го приведоа мечот за конечен триумф од 28-31.
Иако најефикасна во нашиот тим беше Риствоска со девет гола, дефинитивно најзаслужна за нашата победа беше Седлоска која мечот го заврши со осум гола и стоотстотна реализација. Кај Литванките Арчисевскаја заврши со девет погодоци.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА