Бутел ја доби скопската пресметка со Пролет

Бутел успеа да слави во скопската пресметка против Пролет со 33-26, за три бода со кои „бутелци“ направија значаен чекор кон пласман во плејофот. Домашните ракометари мечот го решија во финишот од првиот и стартот на вториот дел, кога успеаја резултатски да се одлепат и да си го трасираат патот до победата. Цврстата одбрана вообичаено е заштитен знак на Пролет, но гостите потфрлија во овој дел од играта и заслужено претрпеа пораз на овој натпревар.

Почетокот мина во израмнета битка, по пет минути резултатот гласеше 2-2 по двата гола што за Пролет ги постигна Арсеновски. Со вториот гол што го постигна капитенот Ласко Андоновски Пролет дојде до првото водство на мечот (4-5), но потоа Бутел заигра подобро во одбраната, во ритам влезе и голманот Блажевски, па домашниот состав набрзина поведе со 8-5. Пролет се консолидираше по тајмаутот на Лембанов, гостите набрзина израмнија на 9-9, а на нецели три минути до крајот за момент поведоа и со 11-12. Завршницата од првиот дел мина во знакот на „бутелци“, кои набрзина го свртеа резултатот во своја полза, на одмор заминувајќи со 14-12.

Домаќинот подобро го отвори и вториот дел, па набрзина поведе и до најубедливи четири гола разлика (17-13). Проблемите уште повеќе се зголемија откако при 17-14 на повреда се пожали Василевски, кој мораше да биде повлечен од игра. Пролет ја консолидираше играта во нападот, па разликата во наредниот период се движеше меѓу два и три гола. за домаќините на половина од второто полувреме да се вратат на четири гола предност (24-20), за нов тајмаут на Лембанов. Гостите не успеа да се вратат, нападот на Бутел функционираше беспрекорно до самиот крај на натпреварот и домашниот состав заслужено славеше со 33-26.

Николов  со 11 гола беше главна фигура кај Бутел,  девет погодоци постигна Иваниќ, додека кај Пролет најефикасни беа Василевски со шест и Палевски со пет погодоци.

Се вчитува...