Ракометниот вицешампион на Македонија, Алкалоид утре против српскиот шампион Војводина ќе го има својот деби настап во Европа, во 1. коло од второто по ранг натпреварување на стариот континент, Лигата на Европа.
Тренерот на скопскиот клуб, Кирил Лазаров пред стартот на оваа етапа на клубот вели дека ова ќе биде голема шанса за докажување на нашите млади македонски ракометари.
„Ова е историски натпревар за нашиот клуб. Минатата година успеавме да направиме историски успех и веднаш да обезбедиме пласман во Лигата на Европа и тоа за нас значи многу затоа што нашата екипа минатата година беше составена од само домашни играчи. Годинава имаме двајца интернационалци кои треба да помогнат со своето искуство во ова натпреварување кое е рамо до рамо со Лигата на шампионите. Голем предизвик за нас е што ќе играме со тимови кои играле во ЛШ што ќе значи многу за нашите млади македонски играчи. Јас сакам да победувам и така ќе се поставувам пред секој меч без разлика на конечниот исход. Утре е само прв натпревар, но ние се подготвуваме да одиграме максимално квалитетно и да ја изненадиме Војводина“, вели Лазаров.
Околу групата Лазаров вели…
„Нашата група не е нималку лесна и наивна. Тука се Војводина која минатата сезона освои европски трофеј. Годинава имаат уште посилен тим од минатата сезона, со голем број интернационалци. Во нашата група исто така се и Силкеборг и Ла Риоха. Екипи кои имаат традиција и големо искуство. Екипи кои доаѓаат од земји кои секој јануари се борат за медали на големите натпреварувања. Македонската јавност во овие месец и половина ќе имаат можност да уживаат со овие натпревари, а ние да се обидеме да ги оправдаме очекувањата и да го дадеме нашиот максимум“, продолжува Лазаров.
Околу утрешниот натпревар Лазаров вели дека има добро чувство…
„Очекувам квалитетен натпревар утре и се надевам дека моите играчи ќе одговорат на притисокот. Моите играчи чувствуваат мала трема, но тоа е нормално и јас сум бил ракометар и знам како е тоа. Доколку бидеме на потребното ниво, мислам дека имаме шанса да ја изненадиме Војводина. Ова е наш почеток и се надевам дека ќе биде големо искуство за тоа што следува во иднина. Имам добро чувство и очекувам да одиграме квалитетен натпревар“, заврши Лазаров.
Мечот меѓу Алкалоид и Војводина кој ќе се игра во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје е закажан за утре со почеток во 20.45 часот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА