Натпреварот меѓу Белгија и Шведска од групата Ф од квалификациите за ЕП 2024 во Германија беше прекинат на полувремето. Фудбалерите на Шведска решија да не продолжат со играта откако две лица загинаа во страотен напад во центарот на Брисел.
И покрај тоа што натпреварот беше одложен, играчите и навивачите останаа на стадионот уште два часа бидејќи насилникот се уште беше во бегство, а нападот се случи на само шест километри од стадионот. Полицијата само неколку минути пред полноќ ги евакуираше навивачите и се помина во најдобар ред.
Натпреварот немаше посебно резултатско значење бидејќи Белгија веќе го обезбеди пласманот на ЕП, а Шведска математички не може да избори директен пласман во Германија. Натпреварот беше прекинат при резултат 1-1.
Прекинат натпревар, во согласност со правилата на УЕФА, мора да биде завршен. Практиката е да се игра преостанатото време од играта што е можно поскоро. Идеално, тоа е следниот ден по прекинот на играта. Сепак, извесно е дека натпреварот меѓу Белгија и Шведска нема да продолжи денеска бидејќи шведските репрезентативци веќе отпатуваа назад во својата земја.
Капитенот на Шведска Виктор Линделоф по натпреварот изјави дека играчите на Шведска не можат да продолжат да играат откако ја слушнале веста. Многу шведски фудбалери ги довеле своите семејства во Брисел, па биле многу загрижени откако ја слушнале трагичната вест. Тие веднаш ги барале своите најблиски на трибините за да проверат дали е се во ред. За среќа, стадионот беше безбеден за сите посетители и сите се вратија дома во доцните часови.
Белгиската полиција рано утрово потврди дека е „неутрализирано“ лицето кое синоќа уби двајца, а застрела неколку навивачи на Шведска во бриселската населба Шарбек.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

