Екипата на Пелистер се соочува со нов предизвик во Лигата на Шампионите, гостување против хрватскиот првак Загреб во новата рунда од елитното европско натпреварување.
Битолчани покажаа знаци на живот по катастрофалните изданија на првите натпревари во ЛШ, тренерот Јовиќ се надева дека напредокот во играта ќе продолжи и на дуелот во Загреб, но и потенцира дека хрватскиот тим е исклучително квалитетен состав кој секако ќе ја има фаворитската улога на натпреварот.
„Во седум дена нè очекуваат три тешки натпревари, од кои два во Лигата на шампионите. Првиот е против Загреб в четврток. Тие се во нагорна линија, го совладаа Колштад и ремизираа со Алборг. И ние против Кил и ПСЖ покажавме дека напредуваме. Ќе се обидеме да ги остраниме грешките кои ги направивме и заради кои не остваривме уште подобар резултат. Тие грешки ни се случуваа заради неискуство. Загреб и во минатите сезони менуваше по 3-4 тренери во сезона и не гледам причина дека и оваа смена ќе ги поремети. Тие се добар тим, добар склоп на млади и искусни играчи. Но следи тежок натпревар и се надевам дека ќе одиграме на наше ниво. Растеме како екипа, но за нешто повеќе треба да не ги правиме тие грешки кои се плод на неискуство. Немаме многу искусни ракометари кои играле во Лигата на шампионите, па со тек на време моите момци ќе добијат самодоверба и во клучните моменти ќе одговорат како што треба. Со Загреб ќе бркаме прва победа во Лигата на шампионите, па ни следат Вардар и Киелце, па сигурен сум дека во сите три натпревари ќе дадеме максимум“, изјави Јовиќ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА