Ненад Костески незаслужено не доби шанса на последниот меч од ЛШ што Еурофарм Пелистер го играше против ПСЖ, а македонскиот репрезентативец дефинитивно се надева на минутажа на наредниот меч на битолчани во елитното европско натпреварување, гостувањето против Загреб.
Овој меч ќе биде од дополнително значење за десното крило, ако се знае дека Костески на почетоците од кариерата ги бранеше боите на Загреб, од каде дојде во таборот на битолчани.
„Видливо е дека формата оди во нагорна линија, одиграме два одлични натпревари по ред. Ни следи Загреб, противник со кој мора да играме максимално, затоа што беа перфектни на последните два домашни натпревари. Ги анализираме, нема да биде лесно, мора да бидеме на 100% и дај Боже да се израдуваме на првите бодови. Бев дел од Загреб, имам убави спомени и тоа ми беше голем чекор напред во кариерата. Доста млад потпишав за голем клуб кој секоја година игра во Лигата на шампионите. Тие се организиран клуб, од кој може да се научи и да се напредува. Од таму носам само убави спомени“, изјави Костески.
Според крилниот ракометар, главната опасност кон голот на „пелистерци“ ќе доаѓа од поранешните ракометари на Вардар, Тимур Дибиров и Куни Моралес.
„Сите ракометари на Загреб се екстра, но Дибиров, Чупиќ и Моралес даваат голем придонес. Тие се голема опасност по нашиот гол. Се спремаме и ги анализираме нивните последни натпревари и се надевам дека со победа ќе се вратиме од Загреб. Ја имаме нашата прекрасна публика која секогаш е со нас и е наш осми играч. Нè радува што еден дел од нив ќе дојдат и ќе нè бодрат во Загреб. Ќе се обидеме да ги наградиме со победа и гледачите пред малите екрани и присутните во салата“, вели Ненад Костески во пресрет на дуелот закажан за четврток.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА