Младата репрезентација на Македонија за фудбалери до 19 години ќе игра елитни квалификации за пласман на Европско првенство, откако во последното коло од претквалификациската група 5 ремизираа (1-1) во полски Торуњ против селекцијата на Казахстан.
Во повеќе од драматичен меч избраниците на Тони Јакимовски дојдоа до реми со голот на Зенделовски во 81. минута, што ги донесе до второто место во групата, а откако и Германија во истите моменти успеа да израмни против домаќинот Полска за конечни 3-3 во вториот меч од групата.
A, Казахстанците поведоа со голот на Мухаметканов во 25. минута. И покрај тоа што младите момци на Тони Јакимовски беа подобар тим на теренот, сепак не успеваа да дојдат до израмнување.
Од 60. минута Македонија играше и со фудбалер повеќе по исклучувањето токму на стрелецот на голот за Мухаметканов. Па, квантитативната предност на теренот вроди со плод. Откако во 68. минута Величковски ја погоди гредата, Зенделовски во 81. минута постигна гол за израмнување на 1-1.
А, сето тоа за Македонија комплетирано и со ремито (3-3) на Полска и Германија во вториот натпревар од последното коло. Германците имаа негатива постојано на дуелот со Полска, но на крај со голот на Пејчиновиќ во 83. минута дојдоа до 3-3 кои и одговараа на Македонија.
Па, на крај Германија го освои првото место во групата со 7 бода, а Македонија и Полска завршија со по 4 бода. Но поради победата над Полска од 2-0 Македонија продолжува во елитните квалификации за ЕП.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА