Де Лаурентис со радикален предлог: Клубовите треба да одлучуваат дали ќе ги пуштат играчите во репрезентациите

Не е никаква тајна дека поголемиот дел од европските клубови и тоа како без задоволство ги ослободуваат своите играчи кога треба да настапат за националните репрезентации.

Можноста за несакани повреди е главната причина поради која стравуваат и сопствениците на клубот, а последниот случај со тешката повреда на Нејмар дополнително ги разгоре страстите.

Па, се огласи и сопственикот на Наполи, Аурелио Де Лаурентис кој се појави со еден радикален предлог.

„По мое мислење секој кој ќе наполни 32 години повеќе не би требало да игра за репрезентацијата, па ни оние над 28 години. Клубот треба да одлучува дали ќе го испрати играчот во репрезентацијата, клубот мора да има можност да каже ‘не’ ако играчот е повикан за пријателски натпревар, на пример, или пак за некој неважен дуел. Ако ние сме го платиле 50 милиони евра и тој се повреди, репрезентацијата треба да ја плати отштетата за целиот период на отсуство од теренот. Ете погледнете сега со Нејмар“ – вели претседателот на Наполи.

Но, јасно е дека овој предлог на Лаурентис ниту од далеку не може да помине, затоа што на крајот и фудбалот и посебно репрезентативните натпревари се за навивачите кои секако не би дозволиле вакво нешто. ФИФА предвидела отштета за повреда на фудбалери за време на репрезентативни собир, па сега ќе исплати на клубот 7,5 милиони евра за отштета поради повредата на Нејмар. Иако, јасно е дека тие суми се далеку од оние кои ги потрошил клубот…

Се вчитува...