Асвел е првиот евролигаш што е решава за тренерска смена откако францускиот тим му врачи отказ на ТиЏеј Паркер, по слабиот старт на овој тим во новата сезона.
Францускиот тим стартуваше во Евролигата со скор 0-4, голем дел од овие порази беа катастрофални, а ако на тоа се додадат и трите порази во седумте мечеви од домашното првенство, јасно е зошто трпението на управата конечно истече. Она што мора да се напомене – прв човек на Асвел е легендарниот француски кошаркар Тони Паркер, кому досегашниот тренер ТиЏеј Паркер му е роден брат, екс-плејмејкерот досега во кризните ситуации секогаш го штитеше брата си, но овојпат беше принуден да му врачи отказ.
„Откако стартот на сезоната беше под очекувањата, управата донесе одлука да се раздели од тренерот Ти-Џеј Паркер. Додека трае потрагата по нов тренер, тимот ќе го предводат Жан Кристоф Прат и Пјерик Пупе“, се вели во клупското соопштение на Асвел.
Прв избор за нов тренер е актуелниот германски селектор Гордон Херберт, но проблем е што Германците не му дозволуваат паралелно со репрезентацијата да има и клупски ангажман. Една од резервните опции на Асвел е и поранешниот тренер на Партизан и Баерн Минхен, Андреа Тринкиери.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА