Алкалоид ја продолжува доминацијата во групата А од Супер-лигата откако актуелниот вицешампион во осмото коло ја забележа и осмата победа, над составот на Скопје со убедливи 38-25. Очекувано, тимот на Кире Лазаров не виде мака да стигне до бодовите на овој натпревар, а големата разлика во квалитет му даде можност на тренерот на Алкалоид да одмори неколку стандардни првотимци за претстојните предизвици во Европската лига на ЕХФ.
Дуелот беше резултатски неизвесен само петнаесетина минути, кога по почетните 5-4 и 7-5 домаќините успеаја да се одлепат и да поведат со 13-7. Алкалоид заигра цврсто во одбраната, гостинските ракометари се мачеа да го најдат патот до мрежата, а избраниците на Лазаров уште во првото полувреме стигнаа до двоцифрена предност, на одмор заминувајќи со убедливи 21-10.
Слично како и во првиот дел, така и во второто полувреме, ракометарите на Скопје успеваа петнаесетина минути да му парираат колку што можат на фаворитот, но штом загубија здив Алкалоид знаеше како да влезе во ритам и да го дотолчи противникот, на крајот славејќи со конечни „плус 13“.
Петковски, Савревски и Стојковиќ ги предводеа стрелците кај победничкиот тим со по шест погодоци, додека најефикасен кај Скопје и воопшто на натпреварот беше Давор Шокоски со девет погодоци, пред Митиќ со осум постигнати гола.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА