Вечно дерби: Работнички и МЗТ Скопје на мегдан во СРЦ „Кале“

Четвртото коло од Првата кошаркарска лига ни го носи првото вечно дерби во сезоната кое ќе биде одиграно денеска во СРЦ „Кале“ со почеток од 18 часот.

МЗТ Скопје не знае за пораз од Работнички во последните седум меѓусебни средби. Последната победа на Работнички е пред 978 денови кога во Аеродром „црвено-белите“ славеа на крилја на Мулалиќ, а токму денешното вечно дерби ќе потсети повеќе на таа средба отколку на оние во последните две сезони со оглед на изедначеноста во ростерите на најголемите два македонски клубови.

Во овие дерби натпревари нема фаворит, победува оној кој повеќе ја посакува победата и тоа добро го знаат во редовите на Работнички и МЗТ Скопје.

„Прв дерби натпревар сезонава која што резултатски не значи толку бидејќи сме на самиот почеток на сезоната, но сите знаеме што значат натпреварите помеѓу градските ривали. За нас е многу битно да се вратиме од оној лош натпревар против Чаир. Имавме доволно време да се подготвиме и се надевам на добра игра на мојата екипа. Нека првото дерби сезонава помине во фер и спортска атмосфера“, изјави Бобан Стајиќ.

„Густиот распоред на натпревари и повредите на Марко и Бојан си го донесоа својот терет. Следува натпревар во кој не секогаш победува подобриот, туку оној кој има поголема желба и ќе покаже поголема борба. Нема да биде лесно со оглед на повредите, но ние како шампионска екипа ќе дадеме се од себе да се вратиме на победите во домашното првенство“, изјави Дамјан Робев.

Интересно, вечните ривал во меѓусебниот натпревар влегуваат по пораз во последното коло. Работнички беше запрен во Чаир, додека МЗТ Скопје претрпе пораз во Битола па ќе биде интересно да видиме кој ќе им се врати на победите.

Се вчитува...