Вардар Неготино приреди огромно изненадување во осмото коло од Супер-лигата, славејќи над составот на Пролет со 24-22. Скопскиот тим допатува како голем фаворит откако рутински го совлада овој ривал во првата рунда, но Вардар Неготино се прикажа во одлично светло, голманот Мицев бранеше извонредно и по голема борба „вардарци“ успеаја да стигнат до скалпот на големиот фаворит.
Почетокот на натпреварот мина во знакот на домашниот голман Александар Мицев, кој одбрани неколку удари на Пролет, меѓу нив запре и пенал на Дејан Пецаковски. Серијата промашувања продолжи, Пролет и покрај добрата игра во одбранта за осум минути успеа да постигне само еден гол (од контрапанад преку Палевски). Вардар Неготино првиот гол го постигна во осмата минута, а една минута подоцна домаќините стигнаа и до прво водство со погодокот од пенал на Адамовиќ. Мечот беше израмнет, со многу грешки на двете страни, па гостинскиот тренер Лембанов побара тајмаут при 4-4, на половина од првото полувреме. Вардар Неготино прв стигна до плус два на мечот (7-5), пред се благодарение на одличниот голман Мицев, кој ја продолжи серијата одлични интервенции од почетокот на натпреварот. Гостинскиот капитен Андоновски успеа да го врати Пролет во ритам и донесе израмнување од 9-9, a на одмор се замина со 11-11, откако во последната минута ннајпрвин стрелаше Палевски, а потоа и домашниот ракометар Кузманов, по неспретната интервенција на голманот Михаљевиќ.
Вториот дел продолжи со израмнета борба на двете страни, а Пролет по негативата од еден гол со двата погодоци во низа на Палевски поведе со 16-17. Во последниет десет минути се влезе со предност на Вардар Неготино од 20-18, по двата гола од контранапад што ги постигнаа домашните ракометари. Пролет успеа да дојде од „минус три“ од еден гол негатива (23-22), со напад со играч повеќе, но гостите почетнички ја загубија топката, по што Вардар постигна уште еден гол, за печат на заслужената победа од 24-22.
Покрај одличниот голман Мицев, најдобри поединци кај победничкиот тим беа Адамовиќ, Пеовски и Митевски со по пет погодоци, додека кај Пролет единствен расположен за игра беше Давор Палевски, чии дванаесет погодоци беа недоволни да се стигне до позитивен резултат во Неготино.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА