Црвена Звезда експресно најде нов тренер, ќе дебитира против Партизан

Црвена Звезда изненадувачки денеска му врачи отказ на Душко Ивановиќ, по трите порази што тимот ги претрпе во првите четири рунди од новата евролигашка сезона. Причина за разделбата не се само слабите резултати, туку и конфликтите што Ивановиќ ги имаше со дел од првотимците, пред се домашните играчи кои не се согласуваа со тактичките замисли на тренерот, но и беа разочарани од малата минутажа што ја добиваа кај Црногорецот.

Српските медиуми најавуваат дека претседателот Човиќ веќе го има решено тренерското прашање и во следните 24 часа и официјално ќе потпише договор со наследникот на Ивановиќ. Станува збор за Јанис Сферопулос, грчкиот стручњак кој е без ангажман од 2022 година кога доби отказ во Макаби. Сферопулос имаше добар тим, но не успеа да го внесе израелскиот гигант во плејофот од Евролигата, а откако на тоа се надоврза со елиминација во полуфиналето во Купот на Израел, на почетокот од 2022 година доби отказ и оттогаш нема работен ангажман.

Информациите од северниот сосед велат дека преговорите со грчкиот стручњак се во завршна фаза и наскоро ќе следи потпис на договорот, кој ќе биде со важност до јуни 2025 година.

Сферопулос би требало да дебитира на вечното дерби против Партизан, што е закажано за четврток во рамките од петтото коло од Евролигата.

Се вчитува...